Доколку ја погледнавте програмата на овогодинешниот Skopje Pride Weekend, веќе ви е јасно дека фестивалот и годинава барем на викенд ќе го трансформира Скопје во убер-урбан европски културен центар. Од визуелна уметност до експерименталната електроника на Аериа Негрот, Skopje Pride Weekend, в лице ќе им ја “плесне” квир културата на тромавата македонска интелектуална елита.

Меѓу имињата кои ќе настапуваат за време на настанот е и Касилс (Cassils), кој Хафингтон Пост го опишува како еден од десетте трансродови уметници кои го менуваат пејзажот на светската современа уметност.

Касилс е трансродов уметник од Монтреал, Канада, со резиденција во Лос Анџелес, САД.

Во намерата, низ уметност да ги брише бинарните родови стандарди, Касилс, преку екстремен физички тренинг, бодибилдинг и боречки вештини до игра со телесната уметност и геј естетиката, своето женско тело го довел до ултимативна мускулна совршеност.

Еден од последните проекти на Касилс е краткиот филм “103 истрели” во кој се вклучени повеќе од 200 волонтери, а е посветен на нападот во “Пулс” ноќниот клуб во Орландо. Во филмот, преку црно-белите снимки се прокажуваат парови кои пукаат 103 балони меѓу своите тела, под притисокот од прегратката. Мотивот за филмот е од сведочењето на еден од преживеаните во нападот кој, за првите истрели сметал дека се звуци на прослава т.е. пукање балони, огномети и друга пиротехника, за да сфати дека се работи за крвав хорор.

Со кој проект Касилс ќе и се претстави на македонската публика чекаме да видиме од деталната програма на фестивалот која ќе биде објавена идната недела.