1. Кој е Антонио Михајлов?

Антонио има 32 години, родум од Штип, од 2003 год живее во Скопје. Има завршено додипломски студии по е-бизнис на Економски факултет при УКИМ и е тековно на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје на програмата за родови студии. Сака да верува дека промената почнува од себе, а темелни принципи кои ги почитува се рамноправноста, солидарноста, довербата, искреноста и праведноста. Има посебен афинитет кон сè што е скандинавско / нордиско.

  1. Кога “излеговте од плакарот”? Какви беа реакциите на твоето семејство и кругот на пријатели?

Во 2009 година пред да заминам на студии во Скопје. Прилично добри беа реакциите со тоа што им требаше време ним, а и на мене, да се прилагодиме на новото сознание – тие дека имаат син, брат и другар кој не е стрејт, а јас дека ќе треба да им помагам со одговарање на сите прашања и нејаснотии.

  1. Дали сте се срамеле од сопствените геј стереотипни особини (доколку ги имате) и како на истите гледате денес?

На сето тоа, вклучително и на трансфобичните ставови кои првично ги имав, гледам само како на процес на учење и запознавање на себеси и на светот околу мене.

  1. Дали често сте биле мета на хомофобични напади и каква била вашата реакција на тоа?

Не, лично не сум бил жртва на таков напад. Сум добивал коментари на социјалните медиуми кои содржеле во себе омраза и гнев, но лично не ме засегале.

  1. Дали во некој момент сте жалеле што се аутиравте пред целата македонска јавност и дали во едно конзервативно општество како македонското чуствувате тешкотии при обавување на секојдневните обврски?

Не, нема потреба од жалење и срамење за тоа како изгледа нечиј пат на учење и себеспознавање. Не, немам никакви пречки во извршувањето на секојдневните обврски.

  1. Кои се вашите очекувања во однос на борбата за човекови права на ЛГБТИ лицата во Македонија и дали очекувате значително поместување во периодот на работењето на новата влада?

Очекувам дека ќе има поместувања, посебно во однос на воведувањето на подобрена правна рамка за ЛГБТИ лицата, како на пример правно препознавање и заштита на овие лица од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Минатата година, Министерството за труд и социјална политика ја усвои Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2016-2020 каде ЛГБТИ лицата се вклучени во самата мисија на стратегијата, потребата од вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитни основи во ЗСЗД е препознаена, а ЛГБТИ лицата се исто така вклучени во активностите зацртани во рамките на стратегијата во делот на преземање на мерки за превенција од говор на омраза и насилство, како и други видови на дискриминација.

  1. Како настана “Субверзивен фронт”?

С-Фронт настана како резултат од препознаената потреба за давање на поголем придонес кон борбата за еднакви права на ЛГБТИ лицата во РМ на начин кој промовира инклузивност, разбирање, дијалог и конструктивна критика. Четири години откако е основана (јуни 2013), резултатите од ваквиот пристап во работата се видливи, посебно во делот на одржувањето и зајакнувањето на дијалогот со различните видови стеикхолдери (засегнати страни) како на пример политичките партии, како и зголемената видливост и поддршка на овие лица во јавниот и медиумскиот простор.

  1. Како, во првата линија на фронтот, изгледаше борбата за права за ЛГБТИ заедницата во изминатите 11 години, кои се сметаат и за најлоши за квир лицата во Македонија?

Не би можел да говорам за периодот пред 2012 кога активно се вклучив во активизмот за ЛГБТИ права. Се разбира дека не е лесно да си ЛГБТИ во РМ, а посебно ЛГБТИ активист/ка. Сведоци бевме на отворено хомофобични и трансфобични изјави од политичари, на континуиран говор на омраза од страна на некои медиумски работници пласиран во медиумите каде што тие работат, на неказниви насилство и кривични дела од омраза врз ЛГБТИ лицата и активистите, како и на загрижувачки говор на омраза, патологизација и медикализација на овие лица на социјалните медиуми. Комисијата за заштита од дискриминација посебно по избраниот нов состав за 2016-2020 по објавувањето на неколку контроверзни мислења каде не препозна случаи на евидентна дискриминација во 2016 предизвика лавина реакции и критики кај јавноста. Поддршката од надлежните државни органи посебно на национално ниво недостасуваше, иако на локално ниво, во мал број на единици на локалната самоуправа беше нотирана поддршка на иницијативи на ЛГБТИ организациите.

  1. Што сметаш за најголем успех на “Субверзивен фронт”?

За вака кратко време под вакви околности и во вакво опкружување, не е лесно да се идентификуваат успеси во адресирањето на ЛГБТИ проблемите и потребите. Сепак, како области каде имавме видливи резултати може да ги издвојам:

  • Зајакнувањето на дијалогот со политичките партии и државните институции кое може да се верификува преку спроведувањето на различните видови активности на застапување на ЛГБТИ правата;
  • Зголемувањето на знаењето за проблемите и потребите на ЛГБТИ лицата, кое може да се верификува преку добиените наоди од истражувањата на различни видови теми кои ги спроведовме во изминатите години;
  • Подобреното ментално здравје на ЛГБТИ лицата на кои им биле пружени услуги на бесплатна психосоцијална поддршка и советување од страна на нашата организација.
  1. Пред некој ден беше објавена статистиката од страна на ИЛГА Европа, која во однос на правата на ЛГБТ заедницата ја смести Македонија во дното на табелата, позади сите други балкански земји. Чија е најголемата одговорност за ваквите поразителни бројки?

Секако дека одговорноста позади ова е првично, на владата, т.е. на надлежните државни органи кои имаат мандат да ги адресираат потребите и решаваат проблемите на овие лица. Недостигот на политичка волја за ова кај највисоките државни органи беше очигледен во последните неколку години, а не помагаше ни фактот што мнозинството на граѓани_ки сè уште има негативни ставови за овие лица. Конечно, дел од одговорноста треба и мора да се препише и на нас самите, како активисти_ки и претставници/чки на ЛГБТИ организациите кои можеби можеа поумесно и повешто да се соочат со предизвиците како се развива активизам за ЛГБТИ права во средина со доминантни десничарски, конзервативни и патријархални вредности.

  1. Се одржа и конференцијата по повод IDAHOBIT на која учествуваше и Дамјан Манчевски сега Министер за информатичко општество и администрација во владата предводена од СДСМ. Дали сметате дека петте приоритети кои му ги соопштивте во догледна иднина ќе ја сменат позицијата на Македонија на листата на ИЛГА, земајќи ја предвид акутната состојба со правата на ЛГБТ лицата?

Секако дека усвојувањето на подобрена, поинклузивна правна рамка за заштита од дискриминација врз основа на СОРИ ќе ја рангира погоре Македонија на индексот Rainbow Europe на ИЛГА Европа. Но, тоа е далеку од доволно, и нема да биде никаков чекор напред доколку не се спроведуваат усвоените закони и прописи во пракса. Само за споредба, на истата ранг листа, Хрватска, е рангирана на високото 11 место, Грција на 17 место, Словенија на 20 место, Црна Гора на 21, Албанија на 24, БиХ на 25 место, Косово на 27, Србија на 28 и Бугарија на 34 место. Македонија е во последните 10 земји од Европа, на 41 место.

  1. На Македонија со години наназад, при секој извештај од Европската Унија ѝ се укажува на проблеми и слаби резултати кога се во прашање човековите права во државата. Дали сметате дека ваквата состојба можеби бара и формирање на министерство за човекови права, како што е примерот со Министерството за човекови и малцински права во Црна Гора и Босна и Херцеговина?

Со создавањето на Министерство за човекови права очекувано е дека заштитата и промоцијата на човековите права ќе добие на значење, но сепак мислам дека зајакнувањето на капацитетите на оние министерства кои тековно ги имаме е она што ни е потребно. Впрочем, мислам дека за вака мала држава, имаме преголем број на министерства и министри.

  1. Доколку СДСМ со работењето на владата навистина се заложи за подобрување на позицијата на ЛГБТ лицата, дали сте оптимист дека до 2020 можеме да очекуваме истополови бракови или барем граѓански заедници?

Иако, има позитивни сигнали од новоизбраната влада во однос на засилено застапување и адресирање на правата на ЛГБТИ лицата во РМ, сепак мислам дека во текот на овој мандат не би можело да очекуваме усвојување на законски решенија кои ќе овозможат регистрација на истополовите заедници. За оваа правна промена да се случи, потребно е и културната и општествената промена да се случи, т.е. мнозинството граѓани и граѓанки да прекине да ги смета овие лица за болни, да не ги екскомуницира и отфрлува нивните браќа и сестри, синови и ќерки, пријател_ки и роднини, како и да се охрабрат самите припадници/чки на оваа заедница да бидат повидливи и поактивни во јавниот простор. Понекогаш и бакнеж или прегратка во јавност помеѓу лица од ист пол може подеднакво позитивно да влијае како и организирање на Парада на гордоста, на пример.