Рускиот геј активист Николај Бајев го води актерот и поранешен православен свештеник Иван Охлобијстин на Суд по поднесената тужба во однос на неговиот хомофобичен коментар; „педерите треба да бидат живи ставени во рерна“.

Овој и други хомофобични коментари поранешниот православен свештеник ги сподели при обраќање до фановите во рускиот град Новосибирск, каде и повика на хомосексуалците да им биде одземено правото за гласање поради тоа што „педерите имаат психички аномалии“.

Тужбата на Бајев се потпира на фактот што ваквата изјава на екс-свештеникот допринела да живее со страв, вознемиреност и понизност и побара од рускиот суд да го обвини за екстремизам.

Покрај тоа, во тужбата се бара од Судот да го натера Охлобијстин, јавно да и се извина на целата ЛГБТ популација и да му исплати на активистот 900 долари оштета.

Бајев не верува дека рускиот Суд ќе пресуди во негова корист, но се надева на жалбата пред Европскиот Суд за човекови права за која се подготвува по завршувањето на судењето во Русија.