Евидентно е дека Светот после феудализмот се групираше на исток и запад. После Втората Светска војна, поточно за време на студената војна, овие граници само добија на боја. Двете Светски сили, Америка и Русија една на овој крај, едната на другиот крај, молчат и си префрлаат една на друга. А пак претседателите да се направат пријателски настроени заедно играат тенис, сечат дрвја, како демек сечењето дрвја заедно ќе им придонесе за подобрување на дипломатските односи. Тоа е како добро нахранета мачка да си игра со глувче, ќе си игра игра со него се додека не огладне. Во овој случај не знам кој е мачката а кој е глувчето а ниту ме интересира.

Поентата што сакам да ја доловам е тоа дека најголемата разлика меѓу истокот и западот е во менталитетот. Не е само Америка запад, запад е и Канада,Аргентина, Бразил, Шпанија, Португалија, Франција, Велика Британија и многу други, како што и Русија не е само исток, тука се и Украина, Белорусија, Литванија, Естонија, Ерменија итн, за жал на некој начин и ние припаѓаме тука, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина. Но, интересното е тоа што иако гледајќи по менталитет сме приближни на русите, сепак тежнееме кон семејството Европа.

Се си мислам дека генерално гледано, зад поделбата на исток и запад стои религиска основа. Западните се скоро сите католички, источните се скоро сите ортодоксни(православни). Накај Азија и Африка подобро да не ни одам, видикот ми е насочен Америка, Европа, Русија. Токму од тој менталитет, според мене, произлегуваат и сите политики базирани врз либералните или конзервативните гледишта. Стрикно што и мене ме интересира,  се човековите права на истокот и на западот. Генерално за човековите права може да се каже дека тие не се апсолутни, затоа што се ограничени со еднаквите слободи и права на другите или со императивите наметнати од моралот, јавниот ред или во вклучителни ситуации од барањата на националната безбедност. Товарот  на одговорноста за заштита и остварување на човековите слободи и права го носи државата.

Но, кога државата не е способна да ги заштити базичните слободи и права на своите граѓани или уште полошо самата ги крши, тогаш се активира меѓународната обврска да се заштитат индивидуите. Конкретно ќе се задржам на поврзаноста меѓу менталитетот и ЛГБТ правата во Македонија и како Светот гледа на тоа. Светот е слеп, Америка е слепа, Европа е слепа. Дали Македонија успеа да му ги заслепи очите на Западот, или пак Западот не ја ни приметува Македонија, којзнае дали ја ставил во некоја си терцијална, квартијална или друга важност. Многу е лесно да се залаже еден народ. Каде и да одев надвор од границиве, поконкретно во Шпанија, половина од луѓето мислеа дека Македонија е либерална држава(во однос на ЛГБТ правата), а половина ниту знаеја што е тоа и каде се наоѓа тоа. Ама кога ќе им објаснев која е Македонија, не веруваа. Пламените јазици кои што ги пуштаме надвор за да се видливи за Светот се лицемерие.

Најконкретно, еден пример кој што ми го посочи еден пријател од Шпанија велејќи ми: “But bro, it’s not possible Macedonia to send gypsy woman on Eurovision song contest if it’s not liberal, and Macedonia was the first country that sent music with rap elements in 2008.” Секако, ова не претставува никаков релевантен доказ, но, ова се ,,пламените” јазици кои што формираат мислење за Македонија кај широките народни маси во Европа и Светот.Овој пријател мислењето за Македонија го формирал врз тоа дека Македонија била толку добра, фина, недискриминаторски настроена што пратила ромка на евровизија(кој е најголем музички настан и оваа година гледан од над 180 милиони вклучени телевизори), а се знае општествениот и севкупниот статус на ромите во Светот. А пак, песната со рап елементите на Врчак,Адриан и Тамара, не го долови европскиот поглед само заради рап елементите, туку заради тоа што и албанец бил пратен. Се знае дека рапот настанал во гето структурите на американското општество и на некој начин успеал да издоминира во Светот благодарение на либералната политика . А за тоа дека сме пратиле Албанец на Евровизија во 2008, веднаш сите мислат дека имаме прекрасни добрососедски односи. Но, суштината сите ја знаете. Поради овие ,,пламени” јазици, паѓаат во сенка  исто така и барањата за помош на ЛГБТ популацијата во Македонија.

Друг пријател кога му објаснував која е Македонија и кога му објаснував кои права ги има ЛГБТ популацијата во Македонија ми рече ,,Не, мора да се зезаш, не е можно земјата од каде потекнува Александар Македонски најголемиот бисексуалец, да биде толку заостаната”. Александарчо овде се слави како најголем војсководец,освојувач, крал, император и што ти знам какви други титули, ама во Светот неминовно е да се напомене дека тој бил од исклучлива важност за ЛГБТ популацијата. А пак она најсмешното е што најхомофобичните особи, почнаа да формираат некои настани кои што според нив треба да преминат во традиција, славејќи го роденденот на Александар Македонски кој мирно си седи на коњот Букефал ( кој најверојатно е од сортата на Босански коњ, зашто има нема сунетот кој му е направен може да се воочи уште од рекорд).

Сите овие искуства ме натераа да продлабочам во своето мислење и да размислувам на тоа дека и дури музиката во Македонија станала политика, а во последно време не само музиката, туку целокупната уметност(секоја чест на исклучоците). Кога човек ќе отвори на википедија наслов LGBT rights in Republic of Macedonia, може да забележи дека единствени штиклирани редови ни се Equal age of consent, Same sexual activity legal и Gays and lesbians allowed to serve openly in the military. Пих, како да сме добиле не знам колкаво право што истополната сексуална активност е легализирана, како демек властите ќе ни влезат дома да видат в кревет што правиме. А ова, дека ни е дозволено да служиме во војската, пак  на некој начин е залажување на Светската јавност. Да влезе геј меѓу оние редови на војници на Република Македонија и да се искаже јавно дека е геј, оф леле, нека му е на помош секоја клетка од неговото тело. Ама морам да признаам дека стратегиите за залажување на Светската јавност се и те како 5-6 пати сигурно обмислени. Се изгласаа уставните измени, во отсуство на опозицијата, а од голема важност и тоа под точка 2 е бракот да се дефинира како заедница меѓу маж и жена. И тоа баш се донесе таква одлука, кога светските погледи се насочени кон конфликтите меѓу Русија и Украина и Палестина и Израел. Има ли кој да не погледне ? Нема. Ѓорчев, заштитникот на традиционалното семејство со оваа иницијатива(на која е и предводник) се израдува како мало дете кое што гледа гумен базен.

Ништо друго не ни останува освен да му се извиниме на Ѓорчев и севкупната политичка партија за тоа што успеал да направи. Нека прими извинување од мене за секоја капка солена пот и секоја капилара пукната во белката на окото трудејќи се да ја обмисли добро оваа иницијатива. А што се однесува до некои негови колеги, хмм, не се секирајте, нема ова да ни наштети пак да си фрлиме по некој поглед и да се шмекаме онака, аматерски.

Голема благодарност до Д.Глигоров администраторот на macedoniangay.com што ми овозможи и ќе ми овозможи да си ги искажам некои свои мислења.