Нема ништо повеќе поучно од сопственото искуство. Ако се водите според таа изјава, ќе можете да ги разберете овие пишувани зборови што следат. Ако сте од оние кои во се гледаат симболи и знаци на нешто што е против вас и вашиот народ, ослободете се малку од националните ,,вредности“, стекнете свест на граѓанин на космосот, проширете го својот ум, па еднакво ќе ги чувствувате болката и страдањето на тоа што се случува во целиот свет, а не само во вашата непосредна близина. Но, пред се, опуштете се, не барајте во се непријател. Ослободете го умот и размислувајте позитивно бидејќи во спротивно животот ќе ви помине во теорија на заговор и страв….

Пред 3 дена мајка ми ми рече дека е толку многу зафатена што не може да излезе и да купи подарок за седмиот роденден на детето на нејзиниот колега кое не го познавав. Ме праша дали јас можам да купам и секако се согласив. Ми рече дека детето се вика Мартин. Ја прашав што има на ум, за тоа што детенцето би сакало да добие за роденден, а таа ми одговори дека што и да му купам нема да го бендиса бидејќи не сака работи за машки деца. Повеќе не ја испрашував и решив да ја земам работата во свои раце. Сакав лично да се уверам што значат зборовите на мајка ми, па бидејќи тие луѓе не живеат далеку од мене, си реков да наминам докај нив.

Во дворот беше таткото на Мартин, колегата на мајка ми кој кога ме виде се израдува, бидејќи не ме има видено 2-3 години. Ме покани на кафе и сок во дворот и разговаравме за прости работи , факултет, работа, иднина . Тогаш се слушна громогласно ,,Татооооооо!” и од вратата излезе едно мало девојче. Јас и се обратив со зборовите ,,Како се викаш ти кукло?” a таткото ме пресече и му рече на детето ,,Мартине, синко, те молам не срами ме пред баткото, иди соблечи го фустанот не изигравај ми женско и не срами ме пред другите”. Се ми беше јасно како ден. Се колнам дека ако таткото не кажеше дека тоа е Мартин- неговото синче на кое треба да му купам подарок, немаше да забележам дека се работи за машко дете. Долгата косичка, сините очички, меката бела кожа, фустанчето а и згора на се и јазикот на телото како и феминизираниот тип на говорење беа повеќе од доказ дека не станува збор за вообичаено машко детенце. Откако Мартин влезе, татко му почна да зборува на друга тема. Јас го пресеков и сакав да зборувам за Мартин. Тогаш човекот ми се исповеда. Мартин уште на две годинки сакал да си игра со кукли, а не со тракторчиња и автомобили, не сакал топки туку сакал по цел ден да се грижи за Соња- куклата која што ја земал од братучетка му уште кога бил скоро бебенце. Наместо да ја шутира топката надвор, тој ја повивал куклата и и пеел приспивни песни, се преправал дека треба да ја храни и да и менува пелени . Не сакал да се дружи со машки деца и негова најверна другарка била Магдалена, шестгодишната сосетка. Ми донесе албум со слики. Од сите што ги изгледав, Мартин ниту на 1/3 од сликите не беше облечен како машко. Татко му вели дека одбивал да се облекува во панталони, фармерки, кошулки и дека за на градинка морале да го облекуваат ,,примерно” бидејќи луѓето ќе зборувале се и сешто. Мартин одбивал да носи фармерки и тренерки па морале да му ветуваат дека ќе ги добие оние работи што највеќе ги посакувал само за да се облече како машко. Но, секогаш кога се враќал од градинка, од корпата го вадел фустанчето што му е омилено и по цел ден седел облечен во него.

За момент Мартин повторно излезе и ми понуди да ме однесе на чај во неговите одаи ( го гледа ,,Величенствениот” па одаите не му излегуваат од глава). Секако, влегов на 5 минути. Прво што ми рече кога му се обратив со името ,,Мартин” е дека тој не се вика така туку се вика Мартина и дека би преферирал доколку го нарекуваат ,,Султанке Мартина”. Ми стави чај ( секако имагинарен чај во оние филџаните за играње) и после тоа повторно излегов надвор. Татко му ми кажа и некои ситуации кога ескалирало неговото трпение, но претпочитам да не ги откривам, бидејќи тие си се лични семејни работи. Јас, ништо друго не можев, освен да зборувам со него на темата трансродовост и хомосексуализам. Нормално, да не ме сфатите погрешно, можеби сега ова е минливо и јас не сум психолог ниту медицинско лице да го одредам тоа, можеби сето тоа ќе прекине, но човекот решив да го подготвам за можните ,,последици”. Му објаснував за појавата наречена трансродовост и каква појава е таа и како се третира во Светот од аспект на либерална личност. Нормално, да ми прости Фифи ако сум згрешил, но како пример ја земав неа бидејќи знам речиси се низ што поминала во животот и со што се се справила и како успеала да го надмине сето тоа. Му објаснував за животот на некој си хомосексуалец ( секако зборував со свои чувства, но како да зборувам за трето лице). Не знам дали променив нешто во мислите на тој човек. Но, тој е млад, има само 30 години и е постар од мене 10 години. Го советував истото тоа што го напишав погоре, да го отвори својот ум!

Вчера бев цел ден в град. Посетив многу продавници и после долго размислување решив да му купам на Мартин комплет тренерки за машко дете и розево летно фустанче. На продавачката и реков дека едното секако ќе го вратам а таа остана потресена како да не знам што да сум и кажал. Денес беше роденденот на Мартин. Мајка ми се врати со едната ќеса. Во ќесата беа тренерките. Денес, ги вратив назад. Мартин рекол дека за првиот училишен ден ќе го носи розевото фустанче.

п.с Добро е да знаете дека вистинското име на детето не е Мартин туку е измислено, бидејќи сакам да се запази дискретноста на целата ситуација. Името е блиско и лесно изречиво и во машки и во женски род како што во оваа фиктивна така и во вистинската форма.