Сигурно сте фантазирале за денот кога со вашиот партнер ќе се исправите пред матичарот и ќе го изговорите судбоносното „Да“. Моментот кога вашиот живот ќе дојде во колизија со туѓиот и ќе создадат нов ентитет. Збогатувајќи го светот со нова приказна. А пред вас, најромантичната вечер во животот.

Хедонистите ќе уживаат, алтруистите ќе страдаат од тестот на реалноста. Ова е биолошкиот максимум на една истополова врска. Копнежот по репродукција и создавање свое поколение ќе ги поткопа вашите убедувања. Убедувањата дека со љубов сe е возможно. Но, истите тие копнежи создале и нови решенија.

Сигурно сте слушнале за сурогат мајка. Женска особа која е подготвена да Ви ја изнајми својата матка на 9 месеци. По тие нестрпливи девет месеци на свет ќе пристигне нова личност која носи генетски код на еден од пратнерите. Вашите убедувања се покажале како оправдани.

Но, да се вратиме во реалноста. Хомосексуални бракови се нелегални. Нелегално е и сурогатството.

Во Македонија со закон сурогатството е забрането. Освен опцијата за посвојување, која трае од 5 до 7 години, во моментов единствена алтернатива е целата процедура да се заврши во странство. Истата таа процедура чини над 50.000 долари, а во кусокот од закони, на пари од фондот за здравство не се ни надевајте.

И повторно до израз доаѓа хипокризијата на македонското општество. Декларирано како многудетно ориентирано, но, само ако имате биолошки предиспозиции.

Со новиот предлог за уставни измени на владеачката партија, бракот во Македонија ќе стане заедница помеѓу еден маж и една жена. Само таквите бракови ќе можат да посвојуваат деца.

Дека приоритет им се политички поени сам по себе зборува недостатокот од соодветен, модерен закон за сурогатство. Ако навистина се залагаа за зголемување на наталитетот ќе ја насочеа енергијата кон наоѓање нови начини за постигнување на целта, а не лимитирање на правата на имагинарни брачни заедници.